Нашата приказна

Нашата приказна

Нашата приказна е уникатна историја на една идеја, која повеќе личеше на сон и нејзината реализација во прекрасен проект, кој стана познат  во Македониjа и ширум светот.

Попова Кула е создадена со љубов и душа и ги чува традициите и културата на производство на фино вино, локална храна и изворно гостопримство.

Локација

Винарската визба Попова Кула и лозовите насади се лоцирани на јужната падина на Велико Брдо, западно од прекрасното градче Демир Капија  во близина на автопатот Е-75. Демир Kапијската долина се наоѓа на југоисточниот дел од Тиквешкиот вински под регион, што е дел од Повардарискиот Регион. Најстарите археолошки пронајдоци докажуваат дека луѓето во овој реон одгледувале винова лоза и произведувале вино во 13 век п.н.е. Демир Kапијскиот регион располага со одлични климатски и почвени услови за одгледување на винова лоза. Кралството на кралот Александар Караѓорѓевиќ се протегало на територијата на денешните држави Македонија, Србија, Црна Гора, Босна , Хрватска  и Словенија, вклучувајќи ги и брегот на Јадранското море и Панонската низина.  Со тоа кралот Александар имал бројни можности да избира локации за садење на лозовите насади низ целото кралство. Но следејќи ги препораките на своите мудри советници тој ја донесува вистинската одлука и го избира микрорегионот на Демир Капија како идеална локација за своите лозови насади, на истото место каде што денес е лоцирана нашата винарска визба. Кога прв пат дојдовме на ова место ние знаевме дека ова е идеалната локација за нашите лозови насади и винарска визба. Преку сликите и виртуалните тури објавени на нашата интернет страница ќе се обидиме и вам да ви го покажеме тоа. Меѓутоа ве покануваме да не посетите и самите да ги доживеете убавините и магијата на регионот. Сигурни сме дека и вие ќе ја поддржите нашата одлука за локацијата.

Нашето име

За да останеме верни на традицијата и историското наследство на регионот, нашата винарска визба своето име го доби според една значајна кула, Попова Кула којашто некогаш служела како важна контролна точка на стариот Римски пат што поминува во близина на нашата локација. Попова Кула била значајно обележје во регионот, но за жал била уништена.  Сепак самиот локалитет се вика Попова Кула  што беше наша инспирација за изгледот на градбата но и за името на нашата визба.

Изградба

Винарска Визба Попова Кула е “greenfield” инвестиција. Изградбата на винарската визба ја започнавме на 08 октомври 2004 и до празникот Богородица, 28 август 2005 бевме подготвени за првата берба и обработка на првото грозје. По завршувањето на првата фаза и целосниот производствен капацитет, морaвме да чекаме уште две години пред да отпочнеме со работа со вински туризам. Конечно на Св. Трифун, 14 февруари 2009 ја завршивме изградбата на првите 11 соби од хотелот и ресторанот. Втората зграда и додатни 22 соби од хотелот ја завршивме во 2015 година. Летната тераса ресторан го завршивме во 2020 година. Во галеријата имаме објавено слики што го покажуваат процесот на изградба на ВВ Попова Кула.

Применета технологија

Ние во Попова Кула користиме мали цистерни за фермантација на виното со цел за време на секоја фаза на ферментација да можеме да ја контролираме и регулираме температурата во секоја цистерна посебно. Исто така употребуваме буриња направени од американски, француски, унгарски и македонски даб со различен степен за печење. Во склоп на винарската визба располагаме со магацини и бокс палети за чување и зреење на флашираното вино во услови на контролирана  температура. Иако сме мала винарска визба, располагаме и со сопствена лабораторија во која ги извршуваме основните анализи на виното и грозјето.

Берба

Ние произведуваме вино од 9 различни сорти грозје кои зреат во различни периоди и тоа почнувајќи од средина на август па се до втора недела од октомври. Бербата на секоја поединечна сорта ја организираме во моменти кога имаме вистинска технолошка зрелост на грозјето. Организацијата на бербата се прави на начин што во еден ден се бери целото грозје од едно лозје при што се почнува во раните утрински часови. Грозјето се бери рачно со што гроздовите не се гмечат т.е. не се кршат зрната на грозје. Употребуваме мали гајби пак за гроздовите да не се гмечат. Гајбите се перат пред и по берба за да се елиминира можноста од контаминација. Веднаш кога е набрано грозјето, спакувано во гајбите, се транспортира до винарската визба. Бидејќи лозовите насади се блиску до визбата транспортот е краток па се елиминира можноста да се згмечат гроздовите при транспорт. Со таквата организација и спроведување на бербата и транспортот добиваме грозје кое е со извонреден квалитет и многу битно истото не е скршно т.е. сокот од зрната не е разлеан уште при берба или во транспорт и нема контаминација. Тоа ни овозможува понатаму да направиме процесирање кое ние го контролираме.

Во галеријата се објавени слики од процесот на берба на грозје.

Нашата филозофија

Зборот глобализација ја опишува нашата филозофија. Живееме во ера на глобализација, од која што произлегуваат некои општи вредности, навики, производи, услуги и брендови во светот. Во винската индустрија овој процес на глобализација истакна некои сорти на грозје, како што се Шардоне и Кабернет Совињон, или Совињон Бланк, како резултат на нивните извонредни каректеристики.  И ние сме љубители на овие сорти и произведуваме вино од нив на коешто сме многу горди. Меѓутоа, силно веруваме дека локално и регионално располагаме со сорти кои имаат извонредни каректеристики и дека виното од нив би можело да им се допадне на потрошувачите ширум светот. Денес ние сме единствениот производител во светот на вино од автохтоната македонска сорта Станушина. Исто така сме едни од малкуте винарски визби на Балканот кои произведуваат вино од сортите Прокупец, Жилавка и Темјаника. Не помалку важно е да напоменеме дека произведуваме и вино од сортата Вранец и како и останатите македонски произведители сонуваме за денот кога Вранецот ќе се промовира на светските пазари како големо црвено вино. Ве покануваме да ги пробате овие вина.  Сигурни сме дека ќе бидете пријатно изненадени. И во хотелот и ресторанот ние ја имаме истата филозофија. Додека се обидуваме да ги постигнеме највисоките угостителски стандарди и HАССР системот, ќе ве услужиме со нашите најубави традиционални оброци, како и храна од различни интернационални кујни. Веруваме дека поддржувањето на локалната економија е од есенцијално значење не само за општината, туку и за нашите гости. Со локално набавените состојки приготвуваме вкусни специјалитети по мерак на нашите гости.

Нашиот тим

Сортата на грозје Станушина не бара исто внимание во лозјето како и другите сорти. Идеално е прилагоденa на климата во Македонија и има силна отпорна лоза. Може да чека во лозјето. Но штом грозјето е набрано и е во винаријата е сосема поинаква ситуација. Покрај технологијата и применетите знаења, потребна е многу грижа, страст и љубов за да се произведе одлично вино Станушина. А производството на белата Станушина е експоненцијално потешко. Ние сме единствената винарија во моментов што го произведува виното Станушина. Тоа ви кажува сè за тоа какви луѓе сме. Суперлативите пак што ги добиваме од гостите на разните социјални медиуми и вебсајтови истотака заборуваат за нашиот тим.

Првата прослава за пресевета богородица - 28 Август 2005

Според православниот календар на 28 Август е св. Богородица, еден од најголемите празници помеѓу христијаните и еден од најпразнуваните помеѓу Македонците.  Ова е особено важен празник за жителите на Демир Капија, бидејќи Пресвета Богородица е заштитничка на градот и градската црква го носи нејзиното име. Негувајќи ја традицијата и ние во Попова Кула го славиме овој празник. Во 2005 година ја завршивме изградбата на винарската визба и токму на овој ден имавме свечено отворање и забава. Во фото галеријата се објавени слики од отворањето и како и од локалната црква. Секоја година обележувањето празникот на Пресвета  Богородица е многу значаен за нас.  Со подготовки за берба вообичаено започнуваме на почетокот на јуни кога изготвуваме почетен план за бербата. До 10 Август сите вработени се вратени од своите годишни одмори и возбудата околу почетокот на новата берба е најголема. Потоа, помеѓу 20 и 25 Август започнува бербата на Шардоне како тест за спремност за берба. И тогаш, околу празникот на Пресвета Богородица имаме неколку слободни денови пред да започне бербата на Совињон Бланк. Така, возбудата околу новата берба, радоста дека сме во можност да правиме нови вина и желбата и пасијата да направиме подобри вина отколку минатогодишните се она што ја прават оваа прослава толку посебна за нас. Ако сте во близина на Винарската Визба Попова Кула на таа дата не заборавајте да ни се придружите во нашата прослава.

Нашата прва берба

Ако го прочитавте нашите погоре раскажани приказни и ги погледнавте објавените слики сигурно сте во можност да разберете како се чувствувавме после 11 месеци напорна, временски дефинирана работа на изградбата на визбата, набавка и инсталирање на потребната опрема, планирање на лозовите насади а се наоѓавме на чекор од првата берба. Дали сме подготвени? Можеме ли да го направиме ова?

Дале е опремата во ред? Способни ли сме да произведеме високо квалитетно вино? За време на финалните тестирања на опремата сфативме дека еден дел од вградената опрема има фабричка грешка. По исцрпувачката работа со нашиот добававач, утрото на 9 септември, успеавме да ја добиеме новата машина. До 13 часот успеавме да ги завршиме царинските процедури, да ја донесеме, исчистиме и инсталираме. Но немавме време за тестирање. Одлучивме дека првото грозје ќе служи како тест. Ризикувајќи отпочнавме со прием на Совињон Бланк истиот ден. Штотуку исчистивме и поврзавме сè пристигна и првиот трактор со грозје во бизбата. Месец подоцна,  на 9 октомври, во раните утрински часови завршивме со последното муљање на грозје за таа прва сезона. Во првата оперативна година успеавме да произведеме вино од сортите Совињон Бланк, Мерлот, Вранец, Кабернет Совињон и Станушина. Скоро сите од вината произведени од првата берба во 2005 г. се повеќекратни добитници на награди и признанија ширум светот. Но Совињон Бланк има многу специјална приказна. Потрошувачите од Македонија ни возвратија со коментари дека ова е едно од најдобрите бели вина што некогаш ги пробале. До декември 2006 останавме со само 600 шишиња (100 пакети) од ова прекрасно вино. Ги продадовме овие шишиња на аукциски настан, собирајќи повеќе од 500 000 денари што ги дониравме во добротворни цели на националната институција за згрижување на лица со интелектуални попречувања лоцирана во Демир Капија. Не не прашувајте зошто еден од најубавите апартмани во нашиот хотел е именуван Совињон Бланк. Сега знаете. Во фото галеријата Ви прикажуваме:

- слика од последната седница на планирање на бербата 2005
одржана во просториите на денешната кујна во ресторанот,
- првиот трактор со грозје и првиот добавувач,
- првото грозје (Совињон Бланк) што пристигна во визбата,
- отпочнување со муљање на грозјето,
- Винарска Визба Попова Кула утрото на 9 октомври 2005 кога ја
завршивме првата берба.

Прва прослава на СВ. Трифун - 14 Февруари 2006

Според православното христијанство Св. Трифун е заштитник на лозарите и на виновата лоза. 14 февруари е ден кога се слави Св. Трифун. Традиционално, на овој ден винарските визби во Македонија организираат забави и лозарите го закројуваат лозјето. Во согласност со оваа убава традиција и ние го правиме истото. На овој ден започнуваме со кроење на лозовите насади и правиме забава за нашите кооперанти, пријатели и посетители. Во фото галеријата се прикажани фотографии од првата прослава на Св. Трифун во ВВ Попова Кула.

Прв добротворен настан - 15 декември 2006

На 15 Декември 2006, заедно со уште неколку ко-спонзори, го организиравме нашиот прв добротворен настан – аукциска продажба на последните 600 шишиња (100 пакети) вино Совињон Бланк 2005. Ова беше спектакуларен настан кадешто успеавме, во три аукциски рунди, да ги продадеме  сите 100 пакети вино и собравме повеќе од 500 000 денари за националната институција за згрижување на лица со интелектуални попречувања лоцирана во Демир Капија. Горди сме што и нашиот ангел, Тоше Проески, беше еден од нашите гости, а ја имаше и една од највисоките понуди на аукцијата. Во фото галеријата прикажани се слики од овој настан.

За инвеститориСоцијална одговорностПолитика за приватностКонтакт
All rights reserved © Popova Kula Winery
crosschevron-down
mk_MKMacedonian
linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram