Македонија земја на виното

Македонија земја на виното

Историјата на винарството во Македонија е испишана уште од далечното минато. Со векови во оваа високопланинска благородна земја се одгледувале грозја и се произведувале вина. Вековната историја на винарството е цврсто навлезена во националната култура и традиција и е составен дел од локалните ритуали и обичаи. Денес овде бројни винарии произведуваат неверојатни и уникатни вина.

Брошура - Вина од Македонија

Превземете ја брошурата овде

Историја

Македонија има богата винска историја. За времето на Филип Втори и Александар Велики, членовитте на македонската кралска династија се познати како големи љубители на виното. Оваа традиција продолжува и за времето на Римската империја кога Македонија е еден од најзначајните вински региони во империјата. Исто така, големото значење на виното се задржува и за време на навлегување на Христијанството, кога скоро во сите православни христијански церемонии во изведувани во црквите виното е дел од традицијата. Ваков пример е свадбената церемонија кадешто вино заедно со леб и сол им се дава на невестата и младоженецот. Сите овие церемонии се присутни и денес и на овој начин се продолжува и традицијата на значењето на виното. Историските фактии зборуваат и дека виното играло важна улога за време на владеењето на Цар Самуил, средниот век и крајот од турското владеење во Македонија. Многубројните археолошки
пронајдоци докажаа дека афинитетот кон одгледување на винско грозје и производство на вино е еден од најважните во македонската историја.

Вински региони

Според климатските карактеристики и класификација на ЕУ, Република Македонија се смета како III-C-b зона за одгледување винова лоза и ги усвои енолошките правила кои се однеусваат на оваа зона. Македонија претставува еден лозарски  реон, кој географски може да се подели во три региони:

1) Повардарие, односно во Централниот регион - опфаќа околу 83% од вкупното производство,
2)  Пелагониско-Полошкиот лозарски реон - опфаќа 13% од производството и
3)  Пчињско-Осоговски лозарски реон - опфаќа околу 4% од вкупното производство.

Трите реони се поделени во 16 под-региони (виногорја) кои се карактеризираат со различни производствени услови и различен интензитет на производство. Најголемото производство на винско грозје и вино се одвива во Тиквешкото виногорје. Тиквешијата ги опфаќа сите области погодни за култивација на винско грозје во општините Кавадарци, Неготином Демир Капија и Росоман како и делови од општините Прилеп и Велес. Климатските услови во ова виногорје овозможуваат успешно одгледување на различни сорти винско грозје со сите фази на зреење на грозјето. Главни сорти што се одгледуваат во регионот се црвените Вранец, Мерлот, Каберне Совињон, Пинот Ноар, Кадарка, Станушина и белите Шардоне, Белан, Мускат, Ризлинг, Совињон Бланк, Семилон, Смедеревка, Ркацетели, Мускат Отонел, Темјаника и Жилавка.

Климатски услови

Интензивните ароми на македонските вина се резултат на комбинираното влијание на медитеранска и континентална клима, со топли летни денови и посвежи ноќи.  Продолжениот процес на созревање на грозјето дава богати бои и комплексните ароми во македонските вината.

Лозови насади и грозје

Денес Македонија има 24 000 ха лозови насади од коишто се произведуваат значајни количини вино. Две најзначајни автохтони сорти на грозје што се одгледуваат во Македонија се Вранец (црвено) и Смедеревка (бело).  Покрај ови две најпопуларни сорти се одгледуваат и интернационални сорти на винско грозје, како што се: Мерлот, Кабернет Совињон и Пинот Ноар од црвените и Шардоне, Ризлинг и Совињон Бланк од белите. Покрај овие во Македонија се одгледуваат и други сорти на винско грозје како Мускат Отонел, Семилион, Ркацители и Кадарка. И на крај, се одгледуваат и група на егзотични домашни и регионални сорти како Жилавка, Прокупец и Станушина.

Винарски визби

Производството на вино во Македонија се одвива во 80 официјално регистрирани винарски визби со вкупен капацитет од 2.222.647 хл. Винарските визби обработуваат околу 65% од вкупно произведеното винско грозје, додека околу 35% обработуваат директно лозарите за сопствена потрошувачка како вино и ракија. Сите винарски визби во Македонија денес се приватизирани. Новите сопственици инвестираат во осовременување на опремата, реконструкција на винарниците и развој на човечките ресурси, зашто македонската винска индустрија преминува од производство на наливно на производство на вино во шишиња. Овие инвестиции истовремено го подобруваат квалитетот на виното. Забележителен е и преминот на модерни етикети и пакување, придружени со добро осмислени промотивни кампањи. Со глобалната промена во вкусовите на потрошувачите, Македонија се обидува да држи чекор со најбараните вкусови на вино и соодветно на нив да ги приспособува и своите сорти грозје. Најзначаен пазар за пласман на македонското вино е секако Европската Унија. Најголеми пазари се Германија, Србија и Хрватска. Извозната стратегија продолжува да ги таргетира соседните и пазарите од ЕУ.

Маркетинг предизвик

За време на социјализмот од 13 големи винарски визби само две беа делумно ориентирани кон производство на флаширано вино. Значи, најголем дел од произведеното вино се продаваше на големо, со мал напор да се направи бренд од македонското вино. Ваквата затекната состојба, за жал, го следи македонското вино и денес. Иако постојат значајни инвестиции во винската индустрија во Македонија сè уште не е препознаена од потрошувачите на вино низ светот како земја на виното. Вистина е дека ако погледнете некои од  постоечките водичи, книги, енциклопедии или списанија за вино ќе биде тешко да најдете некои прецизни информации за македонското вино, освен во оние публикувани во бившите југословенски простори. Како што македонската винска индустрија преминува од производство на наливно вино кон производство на флаширано вино, така и новите сопственици на некогашните државни винарски визби инвестираат во усовршување на опремата, реконструкција на визбите и вложуваат во човечки ресирси. Инвеститорите во новите винарски визби го прават истото од самиот почеток на инвестирањето, со јасна визија за производство на флаширано вино. Сите винарии инвестираат во сите аспекти од маркетинг миксот и заедно со Владата на Република Македонија се обидуваат да го промовираат македонското вино. Следува линкот на кој можете да го гледате видео спот за македонските вина.

http://www.youtube.com/watch?v=i01RoxZ2oqA&feature=related

Врз основа на фактот дека располагаме со идеални климатски и почвени услови, лозови насади во одлична состојба кој раѓаат квалитетно грозје и истовремено имаме инвестиции и приватна иницијатива, веруваме дека макдонското вино ќе стане препознатливо и барано кај потрошувачите на вино ширум светот. Повеќето од нас, инвеститорите во винската индустрија во Македонија, сонуваме за денот кога македонскиот Вранец ќе биде признаен како „Големо Црвено“. Ве покануваме да пробате македонско вино и да направите винска тура низ Македонија. Сигурни сме дека ќе бидете воодушевени.

За инвеститориСоцијална одговорностПолитика за приватностКонтакт
All rights reserved © Popova Kula Winery
crosschevron-down
mk_MKMacedonian
linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram